Неготичанецот Сретен Давидов прогласен за најдобар млад научник кој работи во полето на електротехниката е добитник на највисоката општинска награда 8-ми Ноември која се доделува по повод празникот на општина Неготино.
Одлуката ја донесоа советниците во Советот на општината, како и одлука за добитниците на признанија 8-ми Ноември. Добитници на признанија се: Постхумно, Илија Ѓорѓиев – стопанственик, пратеник во Парламентот на РМ, потпретседател на општинското Собрание и истакнат и успешен спортски работник, Димитар Ѓорѓиев од областа на спортот, д-р Диме Трајковски од областа на здравството, Велика Димова – хуманист и Павлинка Вељановска од областа на културата. На добитниците, наградата и признанијата ќе им ги врачи градоначалникот на општина Неготино Тони Делков, на свечената седница на Советот на општината која ќе се одржи во четврток на 8-ми Ноември со почеток од 12:30 часот – информираат од општината.
Давидов е роден во 1989 година во Неготино. Дипломирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2012 година, а магистрирал во 2014 година на Факултетот за електротехника на Универзитетот во Љубљана. На истиот универзитет, годинава ја одбранува докторската дисертација. Вработен е како млад истражувач со звање асистент на Факултет за електротехника при Универзитетот во Љубљана. Автор е на четири научни труда и член на Институтот на инженери по електротехника и електроника, на СИГРЕ ‒ Комитет за големи електрични системи и ЦИРЕД ‒ Комитет за дистрибутивни електрични системи.
Вики Клинчарова