Педесетгодишен прилепчанец е осомничен за убиство од небрежност на 25-годишен сограѓанин, додека заедно биле на лов, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението од ЈОРМ, осомичениот, прилепчанец на возраст од 50 години, на 17 јануари оваа година околу 10:15 часот, во местото викано Отин, во близина на село Витолиште, Мариово, застрел лице со кое заедно бил на лов на дивеч. Од повредите починал оштетениот, 25-годишен жител на Прилеп.
Јавниот обвинител кој постапува во предметот издаде наредби за обезбедување на траги и предмети кои можат да послужат како доказ, како и наредба за обдукција врз телото на починатиот заради утврдување на причините за смртта.
Обвинителството до Судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп поднесе предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот и тоа, обврска да се јавува еднаш неделно на службено лице во ОВР Прилеп и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.