Младината се подготвува да замине на работа во Хрватска, угостителите загрижени: Пензионери ќе треба да вработуваме во кафулињата!

by Fokus

Уште на почетокот на годината голем број на млади луѓе од Македонија веќе се подготвуваат да заминат на сезонска работа во Хрватска. Поголемиот дел од лицата кои таму ја минале работно летната сезона во 2023 година, започнале со комплетирање на потребната документација, и многумина од нив ќе ги спакуваат куферите за помалку од два месеци, односно ќе заминат уште во март.

Од разговори со повеќе студенти, кои минатото лето го минаа работно во познати туристички ресорти во Хрватска, ,,Фокус” дознава дека добрите услови за работа, солидните примања, но секако и самостојниот живот во поразвиена земја, биле пресудни и годинава да се упатат кон истата дестинација.

-Минатата година за првпат заминавме, помала група на студенти, и работевме во угостителскиот сектор, без претходно искуство. Работата е платена од околу 1.000 евра месечно за позиции како келнери, собарки, продавачки во слаткарници, пекари или маркети, па се до над 2.000 евра за работа во ресторански кујни.

Обезбедено сместување и топли оброци, но пред се, можност да се помине летото покрај море, во дружба со млади луѓе од целиот регион, да се живее независно и самостојно на млади години, тоа е она кое беше пресудно и годинава да аплицираме за работа во Хрватска – велат нашите соговорници.

Според бројките објавени од страна на хрватското Министерство за внатрешни работи, лани биле издадени дури 172.499 дозволи за престој и работа. Освен во туризмот и угостителството, странски работници биле ангажирани и во градежниот сектор, како и во транспортниот и трговскиот сектор. Од Македонија на работа дошле 13.412 лица, но судејќи според се поголемиот интерес, посебно на младите, годинава се очекуваат значително повисоки бројки на лица кои таму ќе го минат летото.

-Сезоната започнува уште во март, а трае се до октомври. Голем е бројот на вонредни студенти кои наскоро ќе се упатат во Хрватска, а пак во јуни бројките уште повеќе ќе растат. Оние кои веќе втора или трета година планираат да работат таму, имаат потребно искуство, а повеќето уште лани добија понуда повторно да заминат и годинава на истото работно место. Не може да се заработи богатство, но сепак може да се заштеди некој денар, а дружбата и новото искуство, како и периодот минат покрај море се незаменливи – велат нашите соговорници.

И додека илјадници млади луѓе се во исчекување на претстојниот период кој ќе го минат во Хрватска, локалните угостители повторно стравуваат од соочување со недостаток на работна сила, посебно во летниот период.

-Келнер не можеме да најдеме, сите заминаа на сезонска работа, принудени сме да вработуваме неискусни лица – минатото лето ни се пожалија повеќе угостители, посебно од Тиквешијата, од каде над илјада млади луѓе тргнаа во Хрватска, но и во Германија и Америка.
-И сосема ги разбираме, овде можеме да ги платиме околу 300, 400 евра месечно, таму им се нудат далеку подобри услови-раскажуваат сопственици на локали, на шега коментирајќи дека како тргнале работите, ќе треба да ангажираат пензионери да служат во кафулињата и да работат во шанковите.

Дека и годинава ќе ги мачат истите проблеми, станува се поизвесно, со оглед на големиот интерес за сезонска работа надвор од земјава. Веќе се актуелни интернет огласи во кои се бара или пак се нуди работа во Хрватска, а дел од оние кои еднаш го искусиле тамошниот живот, не кријат дека се заинтересирани да добијат договори на неопределно време и да останат на постојана работа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости