Поранешниот командант на војската на Република Српска, Ратко Младиќ, неправосилно осуден на доживотен затвор за геноцид и злосторства во Босна и Херцеговина, денес пред судот во Хаг рече дека чесно и законски работел како офицер и дека обвинението против него „паднало во вода“.
-Јас сум човек кој цел живот е професионален војник. Чесно работев и во мир и во војна, во согласност со законите на мојата држава која ја разурна НАТО – кажа Младиќ.
Тој додаде дека и покрај договорот, меѓународните сили во 1993 не ги демилитаризирале петте заштитени зони на ОН – Сребреница, Сараево, Горажде, Жепа и Бихаќ.
-Мене судбината ме доведе да ја бранам својата држава СФРЈ, која вие западните моќници ја разбивте, со помош на Ватикан и онаа мафија од Германија – рече Младиќ.
Хашкиот трибунал Младиќ, на 22 ноември 2017, неправосилно го осуди на доживотен затвор поради злосторствата во Сребреница, прогонот на Хрватите и Бошњаците низ БиХ, тероризирањето на населението на Сараево со долготрајно гранатирање и снајпери и земање припадници на Унпрофор за заложници.