Поранешната министерка за правда Мери Младеновска Ѓорѓиевска смета дека судиите треба да се прозиваат со име и презиме во јавноста од страна на владини функционери.
Ваквиот став таа за „Дојче Веле“ го искажува по потегот на првиот човек на министерството за правда, Бојан Маричиќ, кој во средата на социјалната мрежа Фејсбук, посочи двајца апелациски судии во судечкиот совет, Ѓоко Ристов и Енвер Беџети, како одговорни за прифаќањето на гаранцијата од повеќе од 11 милиони евра за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, да може да излезе од притвор.
Според Младеновска Ѓорѓиевска, за да се сменат состојбите во судството, но и перцепцијата на граѓаните, крајно време е со име и со презиме да се посочат, но и да се санкционираат сите судии што ги кршат законите.
-Контрапродуктивно е да се критикува судството во целина. На овој начин се демотивираат судиите што работат стручно, професионално и одговорно, вели Младеновска за Дојче Веле..
Маричиќ ги повика судиите Ристов и Беџети да објаснат зошто гласале Мијалков да биде пуштен од притвор, за случајот „Трезор“, каде што е неправосилно осуден на осум години затвор.
-И покрај тоа што во изминатите 20 години постојано се зборува за реформи во судството, а реално и многу е направено, многу од проблемите останаа нерешени, а некои други и се зголемија. Не може да очекуваме подобрување ако секој од нас очекува само другите да ги почитуваат законите. Треба секој, прво самиот да ги почитува законите, а потоа да очекува и другите да го сторат истото“, вели поранешната министерка за правда, која сега се заминава со адвокатура.
Со јавното прозивање на судиите од страна на Маричиќ не се сложија професорот на Правниот факултет, Гордан Калајџиев, а реагираше и Судскиот совет. Потегот според нив бил влијание и притисок над судството.