Според информациите со кои располага „Индекс.хр“, 24-годишна жена која била бремена е една од жртвите на страшната автобуска несреќа кај Венеција. Таа била на меден месец со сопругот. Тој е на интензивна нега во тешка состојба и се бори за живот.
Информациите се дека станува збор за брачен пар од Сплит. Според неофицијални информации, тие се венчале пред три недели.
Меѓу 21 загинат има петмина украински државјани, Германец, Французин и Италијанец.
Несреќата се случи вчера околу 19:45 часот во градот Местре, на 9 километри од центарот на Венеција, кога автобусот со туристи удрил во заштитната шина на надвозникот, а потоа се превртел и паднал од височина од нешто повеќе од 10 метри, на покривот.
Во автобусот имало околу четириесет италијански и странски туристи кои штотуку ја посетиле Венеција и се враќале во нивниот камп.
Инспекторите се обидуваат да ги идентификуваат жртвите кои немале лични документи со себе во моментот на несреќата, особено со проверка на регистрите на кампот каде што престојувале.
Во регионот Венето знамињата се на половина копје.