Оставката на Венко Филипче не е морална одговорност, изнудена е. Да ја чувствуваше ќе си дадеше оставка уште првиот ден по несреќата, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.
– Потребна е кривична одговорност до која ќе се дојде преку објективна и неутрална истрага која мора да биде реализирана. Вистинските прашања на кои истрагата и кривичната одговорност треба да даде одговор се поврзани со пропустите кои доведоа во болница, објект под надлежност на министерството за здравство и Владата да згаснат 15 животи. Каков бил проектот и тендерот за изградбата на болниците? Како се градени модуларните болници? Со каков материјал, зошто огнот толку брзо продрел и дали болниците имаат употребна дозвола? Зошто според сведоштвата на преживеаните во болницата немало ниту еден противпожарен апарат? Зошто роднини на болни биле во болницата и дали се работи за недостаток на медицински персонал наспроти уверувањата на Филипче и Заев во текот на целата здравствена криза дека се под контрола и дека институциите имаат сопствен капацитет во справувањето со предизвиците? Ова се вистинските прашања на јавноста за кои очекуваме одговори. А не дали Филипче го чувствува она што се подразбира дека треба да го има а тоа е морална одговорност. Одговорите на овие прашања треба да ги даде објективна истрага, а таа не е можна додека оставка не си дадат Венко Филипче, Артан Груби и Зоран Заев. Вака како што стојат работите ова е очајно и кон народот потценувачко сценарио да се даде оставка, а да не се прифати. Тоа само по себе покажува колку истете чувствуваат одговорност, изјави Мизрахи.