За потсетување, беше увидено дека никогаш не била формирана стручна комисија која разгледувала кои медикаменти и во која количина ќе бидат потребни на пациентите. Тоа било одлучувано на друго место, а не согласно потребите на пациентите и тоа е доволен показател за каде треба да се бара вината во овој случај, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи на панел дискусијата организирана од ВМРО-ДПМНЕ на тема „Моќта на лековите, живот или профит“ за случувањата во Клиниката за онкологија.
Според пратеничката, за шест месеци не можете да направите преглед на сите пациенти кои што поминуваат низ клиниката, а кога немате аналитика за бројот на пациенти, не можете да направите аналитика за набавките кои ви се потребни. Додаде дека недостасувале 6 месечните известувања на самата Клиника за радиотерапија и онкологија, набавки на реверси преку коишто се довела самата Клиника во долгови до 12 милиони евра, никогаш не биле пропишани протоколи, дека никогаш немало вонреден надзор и други увиди кои ги изнела Анкетната комисија.
-Имало профити (на Онкологија) кои што биле позначајни од животот и здравјето на граѓаните. До тука можеме да заклучиме дека системот бил во целосно безредие, хаос, којшто довело до колапс и верувавме дека овој колапс не е само на Клиниката за онкологија, туку во целокупниот здравствен систем, рече Мизхрахи на дискусијата, додавајќи дека „бизнисот бил карциномот на здравствениот систем во Македонија“.