Трагикомична е ситуацијата во која првите луѓе на двете обвинителства задолжени за борба против корупцијата на носителите на јавните функции завршуваат едната зад решетки, другата суспендирана, а носителите на функциите од извршната власт и тајкуните блиски до нив шетаат слободни по толку афери и јавно изнесени сомневања за сторени кривични дела.
Пишува Ѕвонко Давидовиќ
Вилма суспендирана. Катица во затвор. Краток опис кој дава јасна и целосна слика на состојбите во нашата држава, ја отсликува состојбата во правосудството, но и покажува каква е борбата со корупцијата и криминалот, кој дава наредби и командува, кој треба да слуша и извршува, кој е заштитен и недопирлив и каде му е местото на правосудството, а каде на извршната власт.
Со две прости реченици е кажано и опишано сето она што и се случува на државата изминативе три децении и во каква состојба се наоѓа нашето општество. Општество во кое многу ретко, речеси воопшто, не се повикуваат на одговорност функционери од актуелна власт во мигот додека седат во фотељите и секој обид да се покрене постапка против истите завршува кобно по обвинителите или судиите, е општество во кое правдата не вирее, законите се применуваат само кога на извршната власт тоа и одговара, а институциите и сите ресурси на државата се во функција на политичките и личните интереси на функционерите од извршната власт.
Трагикомична е ситуацијата во која првите луѓе на двете обвинителства задолжени за борба против корупцијата на носителите на јавните функции завршуваат едната зад решетки, другата суспендирана, а носителите на функциите од извршната власт и тајкуните блиски до нив шетаат слободни по толку афери и јавно изнесени сомневања за сторени кривични дела.
Вилма е суспендирана затоа што се дрзнала да изврши претрес и покрене постапка за утврдување на сомневањата кои ги имала за функционер кој го именува извршната власт. Констацијата дека претресот не бил законит ја даде јавниот обвинител на Република Македонија и стори уште една од многуте грешки, да не употребам погруб збор, и покажа дека или не го познава законот или одработува нечив налог.
За претресот се изјаснил судот кој истиот го одобрил издавајќи наредба па констатацијата на јавниот е небитна, популистичка и произволна и истиот не може да се стави над судот. Претрес, како едно од дејствијата кои можат да се применат во текот на истражната постапка е често користено дејствие и истото не значи дека кај тој што се врши претресот е автоматски осомничен.
НЕ ЧЕПКАЈ КАЈ ФУНКЦИОНЕРИ НА ИЗВРШНАТА ВЛАСТ
Претрес може да се изврши и кај лице или орган кој не е осомничен, ама кај кој се наоѓаат или има сомнение дека се наоѓаат предмети од интерес за истрагата и докажување на постоење на кривично дело. Претрес може да се изврши и кај лице или орган од кои се побарани предмети кои се наоѓаат кај нив ама не ги предаваат, па истиот е средство да се пронајдат и одземат доказите.
Интересно е прашањето кој и зошто се уплашил од претресот па реагирал до највисоките носители на извршната власт и отпочна права војна плачејќи по медиумите како му е угледот нарушен. Кој црн углед кога сме потонати во корупција, разграбување и отимачина на се што има вредност токму од носителите на високите државни и политички функции, а народот воопшто не им верува на таквите функционери и институциите.
Симптоматично е што јавниот обвинител на државата реагираше сега и го суспендира раководителот на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција , а молчеше и се правеше недоветен кога истата обвинителка им се закануваше на судиите. Таквото постапување во нормални држави во кој постои барем малку правда и одговорност веднаш се санкционира, а доколу изостане санкција, што е во нормални држави невозможно, следува домино ефект во кој ќе биде санкциониран и заканувачот и неговиот надреден што пропуштил да го заштити правниот систем и не санкционирал недозволено и незаконито однесување, особено ако се работи за закана упатена кон судии.
Истиот тој обвинител, не превзема никакви мерки кога се случи член на советот да гласа за избор на внука и кога целата јавност реагираше, а тој најверојатно не го слушнал зборот непотизам. Немаше никаква реакција ниту на изјавата со која беше јасно кажано дека луѓето намерно се држат во притвор божем заборавени. Тоа се вика злоупотреба на службената положба ама се однесуваше на бивши функционер па најверојатно затоа и не било интересно.
Немаше реакции и одговорност ниту за еден куп притворски предмети кои ги водеше обвинителството за организиран криминал, а кои поради никакви докази по неколкупати беа враќани на повторно судење и траеа со години и застареа или уште траат и има изгледи да застарат.
Пораката која се испраќа со ваквото однесување и одлуки на првиот човек на обвинителството е повеќе од јасна и гласи не чепкај кај функционери на извршна власт затоа што ќе настрадаш, гони мигранти и оние што крадат виршли.Борба против корупција и криминалот … мижи Асан да ти баам….