Мицотакис за несреќата кај Лариса: Ќе ја дознаеме причината за трагедијата

by Fokus

Како дојде до несреќата е главното прашање на кое сите бараат одговор по железничката несреќа во Грција.

Во несреќата животите ги загубија над 30 лица, а повеќе од 60 се повредени.

Нешто пред полноќ дошло до директен судир меѓу товарен и патнички воз во близина на местото Темпи кај грчкиот град Лариса.

Според многумина во Грција, ова е најтешката железничка несреќа во живото сеќавање на земјата, а причините за неа, барем на почетокот се препишуваат на „човечка грешка“, пишува „Гардијан“.

Информациите се дека двата воза се движеле по истата пруга 2-3 километри пред да налетаат еден на друг и да се судрат.

Сообраќајната полиција на Лариса, која ги истражува причините за несреќата, според грчката новинска агенција АНА-МПА објави дека раководителот на железничката станица во Лариса е приведен на распит.

Според полицијата тој најверојатно ќе биде ќе биде уапсен откако ќе му биде земена изјавата, бидејќи се смета за одговорен за движењето на возовите кои завршиле на иста пруга движејќи се во спротивни правци.

Грчкиот радиодифузен сервис објави дека тој е веќе уапсен, а на неговото аспење, како што претходно пренесоа медиумите се чекаше одлука на надлежното обвинителство.

Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис од местото на трагедијата порача дека најитна должност не е само „да се лекуваат раните и да се идентификуваат телата“, туку да се дознае како се случила трагедијата.

„Можам да гарантирам само едно – ќе ја дознаеме причината за трагедијата и ќе направиме се што е во наши раце за вакво нешто никогаш повеќе да не се случи“, им рече тој на новинарите, пренесува „Гардијан“.

Мицотакис од денеска до петок прогласи тридневна жалост во Грција по железничката несреќа.

Поврзани новости