Мицотакис: Време е за големи одлуки за Европската Унија

by Fokus

Дојде времето за големи одлуки за Европската Унија, истакна грчкиот премиер Киријакос Мицотакис при пристигнувањето на вонредниот Европскиот совет во Брисел.

Мицотакис истакна дека сака особено да ги поздрави „предлозите за дополнителна буџетска флексибилност, така што земјите-членки кои веќе трошат повеќе од два отсто од својот БДП на одбраната можат да продолжат да го прават тоа“.

– Многу е важно оваа буџетска флексибилност да се однесува на сите земји-членки на Европската унија, да се охрабрат оние кои трошат малку да трошат повеќе, да се наградат оние кои веќе трошат повеќе и евентуално да им се дозволи да трошат уште повеќе на заедничката европска одбрана, рече грчкиот премиер.

Додаде дека исто така е многу важно што се создаваат нови финансиски инструменти од нераспределените ресурси на Фондот за закрепнување и тоа, како што рече „е цврста грчка позиција“.

– Во критичните времиња во кои живееме, стратешката автономија на Европската унија мора да биде приоритет за кој не може да се преговара, порача Мицотакис.

За Украина, повтори дека во напорите за „постигнување праведно и одржливо решение, во никој случај не треба да ги напуштиме напорите да ги вклучиме Соединетите Американски држави“.

– Важно е да можеме да ѝ обезбедиме на Украина безбедносни гаранции за иднината, а САД исто така треба да учествуваат во оваа формација за безбедносни гаранции. И треба континуирани да се бориме за да ги убедиме Соединетите Држави дека на крајот, тоа е и во нивен интерес, порача Мицотакис.

Поврзани новости