Мицотакис утре ќе соопшти кој ќе мора задолжително да се вакцинира

by Fokus

Неопходен е премин во третата фаза од нашата стратегија за вакцинирање, па така, до утре, премиерот ќе ги соопшти одлуките на Владата што се однесуваат на задолжителна вакцинација во конкретни области, како и рамката за работа на затворените делови, рече портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Според првичните официјални најави од пред две седмици, од 15 јули ќе биде дозволена работа и во внатрешните делови од угостителските објекти, а сопствениците ќе треба да одлучат дали ќе бидат „чисти“ односно само за вакцинирани или пак „мешани“.

Грчките медиуми пишуваат дека поради зголемениот број нови случаи, не е исклучена можноста, да има промени на првичната одлука, па сите затворени простори да бидат „covid free“, односно само за вакцинирани.

Сепак, конечните одлуки, како за задолжителната вакцинација, така и за начинот на работа на кафулињата и рестораните во внатрешните делови, ќе ги соопшти грчкиот премиер.

За епидемиолошката состојба во Грција, Пелони рече дека главна карактеристика на новите случаи е дека се откриени кај младите, а 75 отсто се на возраст до 34 години, а најголемиот дел се меѓу 15 и 24 години.

Во однос на делта сојот, посочи дека 70 проценти се кај лица до 40 години, а од вкупниот број случаи, кај 13 проценти била потребна хоспитализација и никој не бил целосно вакциниран.

Поврзани новости