Претседателот на грчката опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис ја обвини Владата на Грција дека со скандалот со фармацевтската компанија „Новартис“ во кој во центарот е поранешниот премиер Андонис Самарас, сака да го одвлече вниманието на јавноста од актуелните проблеми, а меѓу нив и прашањето за името.
-Господинот Ципрас и неговите соработници ја водат земјата по многу опасни патеки. Го гледаме тоа во случајот со „Новартис“. Владата сака да го одвлече вниманието на јавноста од четвртиот меморандум и мерките што веќе ги има потпишано. Од секојдневниот живот на луѓето што секој ден станува потежок. Од отстапките во националните прашања, посебно од управувањата со скопското прашање, со кои не се согласуваат мнозинството Грци. Се обидува да се спаси преку тоа што знае да го прави најдобро. Да ги клевети неговите политички противници и да ги дели граѓаните – изјави Мицотакис.