Мицотакис пак му најави на Мицкоски „непријатно прво искуство“ на НАТО Самитот

by Fokus

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис повторно го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да даде категорична изјава дека кога официјално ќе стане премиер ќе го почитува Договорот од Преспа. Мицотакис, кој вечерва говореше во централното издание на вестите на грчката телевизија „Антена“ посочи дека во спротивно, единствено што може да постигне е „непријатно прво искуство“ на НАТО Самиот на почетокот на јули.

-Во однос на Скопје, Северна Македонија, мојата порака до мандатарот за премиер е многу јасна. Предизборниот период заврши. Договорот од Преспа, кој за нас имаше многу проблеми, но основното достигнување е едно име за сите, ерга омнес, мора да го почитува. И да даде категорична изјава, кога и официјално ќе ја преземе премиерската функција, дека го почитува Договорот од Преспа, рече Мицотакис, пренесува дописничката на МИА од Атина.

Во однос на тоа што би се случило во спротивно, Мицотакис најави „непријатно прво искуство“ на НАТО Самитот во првата половина на јули.

-Во спротивно, единственото нешто што ќе може да го постигне е да има едно многу непријатно прво искуство, кога сите заедно ќе се сретнеме во Вашингтон, на 75-годишнината од НАТО, на почетокот на јули, додаде Мицотакис повторувајќи дека и на НАТО Самитот ќе го покрене конкретното прашање.

Мицотакис вели дека имаат начин да им објаснат на пријателите, затоа што, како што рече го сметаат „народот на Северна Македонија за пријателски народ“ дека, на крајот, „ако сакаат да се приближат кон Европа, патот кон Европа оди преку Грција и преку добри односи со Грција“, додавајќи дека истото важи и за Албанија.

Прашан дали е на маса можноста Грција да им го блокира патот на двете земји кон Европската Унија, Мицотакис изрази оптимизам дека сепак, тоа нема да биде потребно.

-Мислам дека нема да биде потребно да стигнеме дотаму, бидејќи сигурен сум дека на крајот ќе надвладее логиката. Но, мислам дека бев апсолутно јасен, рече Мицотакис.

Денеска, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и извесен мандатар за состав на новата влада Христијан Мицкоски рече дека не очекува во 21 век талибанско однесување од кој било политичар.

Во врска со ова прашање, Мицкоски на денешната прес-конференција во Собранието рече „одговорот за хистеријата што се случува кај нашиот јужен сосед“ веќе го дал пред неколку недели.

Доколку на самитот на НАТО во јули Грција го постави прашањето околу почитувањето на Преспанскиот договор, Мицкоски рече дека неговата порака ќе биде во насока на градење мостови на соработка и пријателство со сите соседите.

Поврзани новости