„Сакам и овде, на неколку километри од нашата граница, да испратам порака до Скопје и до новата власт: во случај да настојуваат да го оспоруваат јадрото на договорот во врска со името на државата и да ја нарекуваат така како што сакаат да ја нарекуваат, тогаш ќе треба да знаат дека нивниот европски пат ќе остане затворен“.
Ова го изјави денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис при говорот во Лерин.
Тој посочил дека „ова не го кажува со радост“, бидејќи, како што рече, соседи сме и Грција сака да имаме добри односи.
„Граѓаните на Северна Македонија не сакаат ниту тензии, ниту национализам. И посакувам и се надевам дека ќе се вразумат и ќе се вратат на правилниот пат“, порача Мицотакис.
„Денеска сум овде во Лерин, на границата на нашата земја и треба да ви кажам дека сум прилично незадоволен поради фактот што нашите северни соседи одбраа во овие околности да го вратат времето назад и да го оспорат името на нивната земја, кое е договорено преку меѓудржавен меѓународен договор“, рече Мицотакис.