Грција, пред три седмици го одбра патот на силен развој. Неодамнешните избори ја затворија вратата на популизмот, на демагогијата и на уназадувањето и дадоа силен мандат за автономен тек кон излез од кризата, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во говорот на свечената вечера во Никозија, во негова чест приредена од претседателот на Кипар, Никос Анастасиадис.
Премиерот на Грција истакна дека најважно од сѐ е што „конечно се враќаат оптимизмот и надежта за горда и стабилна татковина“.
-Исцртуваме линија што нѐ разделува од минатото и конечно, по 10 години криза, со оптимизам гледаме кон иднината. За силна Грција, а силна Грција, драг Претседателе, значи и силен Кипар, силна Грција значи силен хеленизам насекаде во светот, рече Мицотакис.
Во неговиот говор се задржа на односите со Турција и кипарското прашање за кое рече дека решавањето е прва цел на грчката надворешна политика.
-Ве уверувам дека овој национален приоритет има поддршка не само од политичкото и државното раководство на Грција, туку и од сите Грци. Остануваме посветени на ставањето крај на окупацијата и на изнаоѓањето комплетно решение, фер, одржливо и функционално. Врз основа на одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации и спроведувањето на европското законодавство на целата територија на Кипар. И, им ја ставивме до знаење на сите инволвирани, нашата централна заедничка позиција: не може да постои напредок без целосно укинување на гаранциите и повлекување на окупаторските трупи, рече грчкиот премиер и додаде дека желбата е слободен, одново обединет просперитетен Кипар.
Мицотакис повтори дека единствениот цврст водич за мирен соживот е меѓународното право и додаде дека тоа Турција треба да го покаже во пракса.
Паралелно, изрази надеж дека Анкара ќе сфати дека и во нејзин интерес е да го забрза повторувањето на преговорите меѓу двете заедници.
-Ескалацијата на провокацијата е спротивно на секоја изјава за намерата одново да се започне суштински дијалог, истакна грчкиот премиер во неговиот говор за време на свечената вечера со кипарскиот претседател.