Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за неделното издание на солунскиот весник „Македонија“ ја повика новата претседателка Гордана Силјановска Давкова „да избегне слични нелегални и провокативни“ избори и порача дека ратификацијата на трите меморандуми зависи и од тоа колку другата страна ќе се покаже доследна до меѓународните обврски.
-Новата претседателка на Северна Македонија направи незаконски и провокативен избор да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече својата земја со поинакво име од она што е дефинирано со самиот Уставот на соседната држава, со што не го прекрши само Договорот од Преспа, туку и Повелбата на нејзината татковина – рече Мицотакис.
Тој додаде дека „не беа случајни брзите реакции“ на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, но и од САД.
-Од наша страна ја повикуваме новата претседателка да избегне слични незаконски и провокативни избори, за кои, секако, категорично изјавуваме дека нема да ги прифатиме. Се подразбира дека европскиот тек на Скопје зависи од искреното почитување на договореното. Затоа, раководството на Северна Македонија мора да сфати дека од пријателството со Грција, може да има само корист – рече грчкиот премиер.