Мицотакис и Ципрас се скараа за Преспанскиот договор

by Fokus

Поранешниот премиер и лидер на грчката опозиција Алексис Ципрас од Сириза го обвини актуелниот премиер Кирјакос Мицотакис од Нова демократија дека едно зборувал за Преспанскиот договор кога бил во опозиција а друго сега кога е на власт.

Мицотакис, пак, вели дека неговиот став останал ист – ако договорот се ратификува не може да се промени.

За време на расправата во Парламентот за законот за набавка на воени авиони Рафал и фрегати Белара од Франција, Ципрас рече дека Нова демократија како опозиција тврдела дека „Договорот со Северна Македонија е предавнички“ и ги „фанатизирала“ граѓаните да излезат на протести, а потоа ги предале.

Мицотакис, пак, потсети дека има „силно несогласување за аспекти на Договорот од Преспа“ и гласал против, но оти и тогаш кажал дека „меѓународно ратификуван договор не може да се смени“.

Лидерот на СИРИЗА рече дека за нив како прогресивна партија, „надворешната политика на Грција се рефлектира во Договорот од Преспа“, а за Владата на Мицотакис, според Ципрас „надворешната политика на Грција се рефлектира во отстапувањето на неодредено време на базата во Александрополис на Американците“.

Грчкиот премиер го праша Ципрас дали додека тие беа на власт „круната, дијамантот на круната на надворешната политика на СИРИЗА е Договорот од Преспа“ и дали тоа е нивен „голем национален успех на кој се толку горди“ и во продолжение се осврна на она што Нова демократија го сторила во надворешната политика во изминатите месеци додека е на власт.

Преспанскиот договор, со кој Македонија го смени името во Северна Македонија, беше потпишан во јуни 2018 година меѓу тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас. Со договорот, Грција се обврза да не ги попречува македонските евроинтеграции, кои со години беа блокирани од страна на Атина. По промената на името, Македонија стана членка на НАТО, но не ги почна преговорите за членство во ЕУ, затоа што сега Бугарија ја блокира земјава, со тврдење дека Македонија ја краде бугарската историја.

Поврзани новости