Грција на најкатегоричен начин ја осудува одлуката на Турција да ја претвори Света Софија во џамија, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а со реакции излегоа и претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, но и останатите опозициски партии во земјата.
-Оваа одлука и секако 85 години по прогласувањето за музеј, го навредува екуменскиот карактер. Станува збор за избор што ги навредува сите оние кои го признаваат споменикот, како дел од светското културно наследство и секако влијае, не само на односите на Турција со Грција, туку и на нејзините односи со Европската Унија, со УНЕСКО и со светската заедница во целост. Жално е што турското раководство, кое во 2005 година работеше за Алијанса на цивилизациите, денес одбира да се движи во комплетно спротивна насока – истакнува грчкиот премиер.
Поранешниот грчки премиер, а сега лидер на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас, меѓу другото, порачува дека Владата има должност да го покрене конкретното прашање на меѓународно ниво.
– Одлуката на претседателот на Турција, да ја претвори во џамија, Света Софија, уникатниот споменик на светското културно наследство со големо историско и духовно значење за христијанството, претставува сериозна провокација што го поткопува меѓуверскиот дијалог и флагрантно ги прекршува универзалните вредности, кои денес се неопходни повеќе од било кога. Меѓународната заедница е должна решително да се справи со овие активности, а Владата има должност да го покрене прашањето на меѓународно ниво – посочи Ципрас.