Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со премиерот Димитар Ковачевски истакнал дека Грција е подготвена да ја поддржи Северна Македонија во овие тешки времиња и може да придонесе во диверзификација на енергетските извори и зајакнување на поврзаноста, информираат од кабинетот на Мицотакис.
Според истите информации, двајцата лидери ја потврдиле нивната волја за продлабочување на билатералните односи, а акцентот бил ставен на енергетската криза.
-Двајцата лидери разговараа за перспективите на повеќестепената соработка во енергетската област, особено во инфраструктурата, како и за потребата за диверзификација на енергетските извори и зајакнување на поврзаноста. Премиерот истакна дека Грција може да придонесе во оваа насока поради инфраструктурите што се развиваат на енергетската мапа и нејзината позиција во корист на енергетската безбедност на регионот, истакнувајќи ја на овој начин лидерската улога во Југоисточна Европа, информираат од кабинетот на Мицотакис.
Дополнително, Мицотакис му честитал на Ковачевски за неодамнешното свикување на првата Меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ и ја потврдил поддршката на Грција на пристапниот пат на земјата „врз основа на поставените критериуми, почитувањето на добрососедските односи и целосно и доследно спроведување на Договорот од Преспа, како дел од пристапниот процес“.