Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на вчерашниот Европски совет ги информирал неговите колеги за, како што рече, „фактот што и претседателката и премиерот на Северна Македонија директно го прекршуваат Договорот од Преспа“ и посочил дека е неопходно сите да разберат дека „почитувањето на европското законодавство, очигледно поминува преку верното почитување на меѓународните договори“, јави дописничката на МИА од Атина.
На прес-конференцијата во Брисел по Самитот на Унијата, Мицотакис, освен за тековните европски случувања, одговарајќи на новинарско прашање, говореше и за односите со нашата земја.
– Со оглед на тоа што имаше дел за прашањата за проширувањето, презедов иницијатива и ги информирав моите колега во Европскиот совет за случувањата во Северна Македонија, за фактот што и претседателката и мандатарот за премиер всушност директно го прекршуваат Договорот од Преспа, игнорирајќи го во пракса ерга омнес и избирајќи да користат друго име, а не уставно дефинираното име на земјата, за внатрешна употреба, што е целосно спротивно на духот на Договорот од Преспа, рече Мицотакис
Дополнително, додаде дека „за оваа непријатна разврска“ ги информирал неговите колеги и уште еднаш посочи дека ЕУ перспективата на земјата поминува преку почитување на меѓународните договори.
– Апсолутно јасно ставив до знаење дека доколку Скопје инсистира на оваа линија, тоа, во суштина ќе го направи исклучително тежок, ако не и во пракса да го поништи, секој процес на брза конвергенција со европското семејство. Така што, мислам дека треба сите да ги разберат последиците од своите постапки и да знаат дека почитувањето на европското законодавство, очигледно поминува преку верното почитување на меѓународните договори што се потпишани, во овој конкретниот случај, од двете страни, рече Мицотакис.