Мицотакис: Европа и покрај воздржаноста, ги држи отворени вратите за Западен Балкан

by Fokus

Ја користам можноста, верувам изразувајќи го ставот и на премиерот Борисов, да уверам дека Европа и покрај воздржаноста, ги држи отворени вратите за Западен Балкан и дека со соодветните предуслови, сонот за полуостров на мир и слобода во економијата, идеите, движењето на луѓето и производите, може да стане реалност, а знамето на Европа, во некој момент да се вее како во Тирана, така и во Скопје, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање на Самитот во Солун и истакна дека патот на сите балкански држави кон напредок „беше и е заедничка визија“, што започна со Солунската агенда, а во градот во кој што се роди, вчера одново беше потврдена.

Претседателот на владата на Грција се осврна на трите грчки насоки во однос на Балканот и Југоисточна Европа: зајакнување на билатералните односи со сите земји од регионот; цврста поддршка на европската перспектива и промоција на поврзувањето во транспортот, инфраструктурата, енергетиката и дигиталната економија, а паралелно откри дека шефот на грчката дипломатија подготвува инцијатива за Скопје и Тирана, јави дописничката на МИА од Атина.

-Цврста поддршка на европската перспектива на сите земји од Западен Балкан. Како најстара и силна членка на Европската унија, Грција добро ја знае важноста на една таква разврска. Затоа ги охрабрува државите кандидатки да ги направат тешките промени што ќе ги доближат до Европа на демократијата, на правдата, на отворената економија. Кон тоа цели и иницијативата на министерот за надворешни работи, на господинот Дендиас, да ги покани неговите колеги од Тирана и од Скопје во Брисел на следниот Совет за надворешни работи на ЕУ, функционирајќи како ефикасен канал за комуникација, рече Мицотакис.

Говорејќи за европската перспектива на Северна Македонија и Албанија, Мицотакис рече дека „чистите сметки, прават добри пријатели“, истакна дека е искрен пред пријателите и објасни дека патот на двете земји кон Европа „вклучува важни промени што мора да се направат“, паралелно изразувајќи увереност дека овие промени ќе се направат.

-Во однос на кандидатурата на Северна Македонија, драг Зоран, повторно ќе бидам јасен, воедно имавме можност тоа да го кажеме и на нашата средба. Имаме должност да ги ублажиме многуте негативни последици од договорот што е веќе потпишан. Треба тоа да го сториме со реализам и зрелост. За нас, приоритет е заштитата на името и угледот на нашата Македонија и нејзините производи, рече грчкиот премиер и се осврна на трговската ознака што вчера беше промовирана – буквата М и зборот GReat што како што рече, „упатува на голема, но и на Greece“, додавајќи дека тоа е „меѓународен знак што го означува потеклото на сите добра од грчката Македонија, големата Македонија на Александар Велики“.

На крајот од обраќањето, Мицотакис ги искористи зборовите на поранешниот грчки премиер Елефтериос Венизелос, напишани во ноември 1909 во весникот „Кирикс Ханион“, кога издавач и директор бил дедото на актуелниот премиер на Грција.

-Со балканските народи, сакале или не, и во иднина ќе живееме како соседи. Заедничкиот интерес ја наметнува основната обврска, преку взаемни отстапки, воспоставување на добри односи, рече Мицотакис, цитирајќи го Елефтериос Венизелос.

Поврзани новости