Мицотакис денеска ќе положи заклетва

by Fokus

Лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, денеска, во 13 часот по локално време, ќе положи свечена заклетва со што и официјално ќе стане премиер на Грција. Како што пишува „Катимерини“, министерот за внатрешни работи, Антонис Рупакиотис, во 10 часот по локално време треба да ги предаде резултатите до претседателот на парламентот, Никос Вуцис, а потоа тој да ги проследи до шефот на државата, Прокопис Павлопулос.

Во изјава за медиумите новоизбраниот премиер изјавил дека неговата победа не е важна само за Грција туку и за цела Европа.

-Суверениот грчки народ го кажа својот збор! Побарав силен мандат за да ја променам Грција и  грчкиот народ ми го даде.  Јас сум многу, многу благодарен за резултатот.  Свесен сум за сите потешкотии пред мене, но силата ќе ја црпам од целиот народ. Почнуваме веднаш со работа, собранието ќе работи преку целото лето, рече Мицотакис.

Според изборните резултати, партијата на Мицотакис на вчерашните предвремени парламентарни избори освои 158 пратеници, што значи дека во парламентот со 300 столчиња ќе може самостојно, без неопходна коалиција со други партии, да ја формира идната грчка влада.

Владејачката СИРИЗА на премиерот Ципрас доживеа тежок пораз освојувајќи само 86 пратеници. Во следниот парламентарен состав нема да влезе ултрадесничарската Златна Зора на Михалолилакос, којшто не успеа да го освои потребниот минимум од 3% гласови.

Поврзани новости