Мицкоски вети вложувања во РЕК Битола, ЕСМ му порача да не ги етикетира вработените

by Fokus

Идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го стави катанецот на РЕК Битола. Напротив, има намера да вложи многу пари во негова модернизација и подобрување на еколошките перформанси на комбинатот, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски смета дека состојбата во електроенергетскиот сектор во земјава е катастрофална.

-И најавата од менаџментот и раководството не само во РЕК Битола, туку и во поранешно ЕЛЕМ, денешно ЕСМ дека без никаков критериум, без никаква методологија, претпоставувам тоа ќе биде уште еден партиски реваншизам на Васко Ковачевски и групата околу нему кон политичките неистомисленици според нив, да бркаат луѓе, да ги праќаат на принуден одмор затоа што тие не успеале добро да го менаџираат комбинатот, односно да постојат основани сомневања дека се злоупотребуваат јавните набавки и на тој начин владее криминал и корупција во самото поранешно ЕЛЕМ, а денешно ЕСМ – изјави Мицкоски.

Мицкоски пред РЕК Битола упати две пораки. Првата порака, како што рече, е до вработените во поранешно ЕЛЕМ, денешно ЕСМ, дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го затвора РЕК Битола, туку напротив да вложува во негова модернизација и подобрување на еколошките перформанси, кога станува збор за заштитата на животната средина и почистиот воздух.

-Нема да има партиски подобни или неподобни, туку ќе има работници коишто си ја вршат работата и работници коишто не си ја вршат работата. Да бидат сигурни, безбедни и тие и нивните семејства дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера кон никого да се реваншира и никого да брка од комбинатот, туку планира профитабилно да го води исто така како што го остави во 2017 година со милијарда и пол денари депозити, со повеќе од 350 милиони денари на сметката, со нула долгови – комбинат којшто во тоа време произведуваше, а за жал сега се послабо произведува, речиси воопшто – изјави Мицкокси, одговарајќи на новинарско прашање.

Втората работа се однесува до раководството на РЕК Битола и денешно ЕСМ дека за она што го прават ќе има одговорност.

– Следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе бара одговорност за ова што го правите изминативе четири години, а посебно што сега си играте со човечки судбини, со човечки животи во очи на големите христијански празници, како што се Божик и Бадник, луѓето и семејствата да се плашат дали ќе имаат или нема да имаат достоинствена трпеза, рече Мицкоски. Според него, се работи за лошо менаџирање и постојат основаните сомнежи за криминалот којшто се случувал во ЕСМ.

ЕСМ СО ДЕМАНТ

Од ЕСМ испратија соопштение во кое му порачаа на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека тие нема да ги делат вработенте на подобни и неподобни.

-Во услови на енергетска криза, кога речиси и да нема земја во Европа и регионот која не е погодена од новонастанатата ситуација, АД ЕСМ ги презема сите неопходни чекори за оптимизација на работата, согласно законските можности кои ги има на располагање. Политичко етикетирање на вработените во компанијата и комбинатот и нивна поделба на подобни и неподобни никој досега ниту помислил, ниту направил. Оттаму, сметаме дека лидерот на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ е првиот и единствениот кој политички ги етикетира вработените во компанијата и во комбинатот, со што ги поткопува напорите на менаџмантот за справување со енергетската криза – севели во соопштението.

Од ЕСМ посочија и дека гласините за затворање на РЕК Битола се инсинуации на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

– Што се однесува до работењето на РЕК Битола, најостро ги осудуваме инсинуациите за затворање на комбинатот кои политичката партија ВМРО – ДПМНЕ ги споделува во јавност подолго време. РЕК Битола ќе продолжи да работи без разлика на енергенсот што ќе го користи за производство на струја. Јагленот ќе се користи за производство на струја се додека струјата произведена од јаглен е економски исплатлива. Најголема потврда за тоа е набавката во вредност од 17,5 милиони евра на дел од потребаната механизација за ископ што АД ЕСМ ја реализира годинава, а за следната година планира нова набавка со која ќе може да се врши ископ на јаглен и од наоѓалиштето во Живојно. Паралелно со овие активности, се одвива процесот на трансформација кон обновливи избори на енергија и тоа на никаков начин не го загрозува опстанокот на РЕК Битола – додаоа од ЕСМ.

 

 

Поврзани новости