Мицковски ги остава во Извршниот комитет Ѓорчев, Николовски, Трајановски, Димитирев, им нуди место на Попоски и Богданов, а генсек бира меѓу Мисајловски и Јанушев

by Фокус

Од досегашните членови, местата во новиот Извршен комитет во ВМРО-ДПМНЕ ќе ги задржат Влатко Ѓорчев, Александар Николоски, Александар Георгиев, Коце Трајановски, како и некои од лицата што влегоа во највисокот партиско тело во периодот меѓу парламентарните и локалните избори, како Ирена Мишева, Анета Стефанова, Драги Димитриевски, Златко Перински и други, дознава Фокус.

Тоа значи дека по лидерската смена во партијата, во највисокиот орган ќе нема место за Илија Димовски и Антонијо Милошоски, кои беа предводници на иницијативата за одложување на конгресот, бидејќи, според нив, организацијата на конгресот била лоша и недемократска, додека од партискиот врв сами се повлекуваат Никола Тодоров и Зоран Ставревски.

Според добро упатени партиски извори, во партискиот ИК ќе се најде и поранешниот генерален секретар на партијата, Емил Димитриев, кој има големи шанси да стане и потпретседател, додека новоизбраниот партиски лидер, Христијан Мицковски, му понудил место и на ексминистерот за надворешни работи Никола Попоски, кој требаше да му биде противкандидат на Мицковски на конгресот, меѓутоа се повлече од трката и и членството во Извршниот комитет.

Понатаму, во овој партиски орган треба да се најдат и двајцата најсериозни кандидати за генерален секретар на партијата, при што едниот од нив е поранешниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски, а другиот е ексдиректорот на Јавното сообраќајно претпријатие, Игор Јанушев, кој, патем речено, му беше потсекретар на Мицковски кога тој беше генерален секретар, а Никола Груевски беше лидер.

Нашите неофицијални информации говорат дека по преговорите меѓу Мицковски и реформаторите за измени на статутот на партијата, во партиските органи, од највисоко до најниско ниво, ќе бидат интегрирани и претставници на оваа структура, чиј претставник во Извршниот комитет, пак, најверојатно ќе биде правникот Костадин Богданов, кој беше владин претставник во Судот во Стразбур.

Исто така, постојат преговори во другите партиски тела, како Централниот комитет, но и телата што ќе функционираат како совети на Извршниот комитет и претседателот на партијата, да влезат и многу партиски членови и поранешни функционери што во минатото го критикуваа партиското раководство на чело со Груевски, како на пример Самоил Малчески.

Инаку, во пресрет на вечерашната седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој, на предлог на новиот партиски лидер, треба да избере нов состав на Извршниот комитет, се водат интензивни состаноци во центарлното партиско седиште токму во врска со поплнувањето на органот што беше распуштен со оставката на Груевски.

В.С.

Поврзани новости