Скопската зоолошка градина се почесто е мета на несовесни граѓани кои за да добијат популарност на социјалните мрежи се однесуваат недолично со животните.
Вчерашниот случај со вознемирувањето на магарињата е уште еден од низата кои се случуваат во овој простор, каде животните треба да си најдат еден своевиден мир.
Тина Мицковска од ЗОО Скопје за „Фокус“ не го криеше разочарувањето од ваквите постапки на луѓето, кои не биле непознаница и во минатото.
„Пред 20 години свеста и едукацијата не беше на ниво како сега. Во целата ситуација, ме радува тоа што во последните години преку кампањи ја зголемивме свеста кај посетителите, секојдневно постојано апелираме за совесно однесување, низ градината и на влезот се поставени табли со кодекс на однесување, а и јавните личности и СВР Скопје ни помагаа во едукација на посетителите“, вели таа.
Чудно е тоа што повозрасните се тие кои почесто не ги почитуваат правилата во Зоолошката градина, а децата ги караат за тоа.
„Децата се оние кои најчесто ги почитуваат сите пропишани мерки и кодексот, а возрасните се најчесто тие кои ги практикуваат овие работи. Интересно е што кај нас децата ги караат родителите за однесувањето, а не обратно. Во денови кога има повеќе посетители, доаѓаат и волонтери, вработените се постојано на терен (20 вработени кои одат сменски), во контрола доаѓаат и комунални редари и инспектори од Инспекторатот на град Скопје. Правиме се што можеме, за да ваквите инциденти се намалат, а несовесните посетители веднаш ги отстрануваме. Феномен е што со појавата на Тик Ток, се случи во изминатите две години возрасни луѓе да прават глупости само за да имаат повеќе прегледи на видеата“, анализира таа.
Вакви работи не се случуваат само кај нас, а некогаш се доволни и 10 секунди за луѓето да направат несовесни постапки.
„Да има и 200 луѓе на терен и да ги чуваат животните, за миг може да се случи инцидент. Токму затоа, најважна од се е едукацијата и ние и понатаму ќе продолжиме со тоа. Свеста за животните кај луѓето е многу повисока од порано, а доказ за тоа се и многубројните коментари со осуда под видеата на оние кои прават инциденти. За крај ќе порачам- однесувајте се кон животните со многу љубов и бидете внимателни со нив“, го заврши разговорот Мицковска.
Јорданчо Цветаноски
Фото – Фронтлајн.мк