Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави видео со повеќе изјави на премиерот Зоран Заев поврзани со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци, за кој се гони поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Мицкоски го обвинува Заев дека тој знаел за случајот, односно дека бил запознаен кој е иноваторот на софтверот, а кој е и нарачателот.
-Заев знаел и кој е иноваторот и кој е купувачот со државни пари. Не може сите луѓе на Заев да се до гуша во сомнежи за криминал, а тој да е чесен. Погледнете го видеото. Рибата мириса од главата, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Мицкоски вчера кажа и дека однапред се знаело дека Рашковски ќе заврши во куќен притвор, а според негови сознанија ќе имало проширувања на случајот со уште две обвиненија.
Рашковски беше приведен и спроведен до судот вчера откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци. Обвинет во случајот е и сопственикот и управител на фирмата што ја доби спорната набавка „Инвока гроуп“, Даниел Станчев.