Заев не си купи мирно владеење, туку броени денови на Владата, која е на стаклени нозе, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Дојче веле
„Тука морам да сум искрен – не сум ниту изненаден ниту неспокоен. Тие византиски игри и сплеткарања многу бргу ќе му се вратат како бумеранг. Јас можам да кажам граѓаните да бидат спокојни. Гласањето доверба на еден шверцерски начин, без дебата, само потврдува дека Заев не е сигурен во своето мнозинство, но и тоа дека нема ништо од најавите за негово зголемување. Тоа што ја користи состојбата на мојата изолација поради заразата со ковид, сакам да знаете дека не го спасува од паѓање на Владата. Прашањето за доверба наредно ќе го постави опозицијата, во моментот кога ќе осигура 65 пратеници кои ќе се потпишат. Тоа ќе биде денот каде што сите негови актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода. Оваа влада ќе падне. Првиот сериозен знак за тоа го видовме, Заев сам беше принуден да го стави прашањето за доверба. Наредниот пат тоа ќе го направиме ние“, вели Мицкоски.