Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави видео каде вели дека европската перспектива на земјава е загрозена. Според Мицкоски владеењето на Заев и на СДСМ го обележува стагнација, одземено достоинство, никакви реформи, криминал и корупција.
„Сега гледаме она што го правеше кон опозицијата, уцени, закани и заплашувања во една ублажена форма, го применува и практикува кон нашите партнери земјите членки на Европската Унија. И затоа никако поинаку не може да се разбере неговото условување дека ако не му се прогледа низ прсти, и не и бил доделен датум за преговори ќе имало избори на кои можело да дојде радикалната десница. Најпрвин ова го покажува вистинскиот карактер на Зоран Заев, еден мал деспот среде Балканот кој и се заканува на Европа и тоа без аргументи“, порача Мицкоски.
Тој додава дека е време да се признае дека оваа власт не ја бива и дека Европа, како што вели, нема да дојде само затоа што власта го смени името.
„Заев самиот со оваа изјава признава дека е на стаклени нозе оваа влада и дека ќе победи ВМРО-ДПМНЕ и десниот блок, која не само што не е радикален елемент туку ќе биде носител на промените и обновата на оваа земја. И сосема на крај, во однос на емотивните изјави за двете Нобелови награди кои би ги одбил Заев во замена за датум за преговори, јас би порачал, дека јас би ги одбил сите награди на Светот само Зоран Заев не биде премиер на Република Македонија, бидејќи тој е вистинската пречка за развојот на Република Македонија и среќата која граѓаните ја заслужуваат“, рече Мицкоски.