Мицкоски: Заев и ДУИ му овозможија на контроверзниот бизнисмен Дака да гради станови од 200 милиони евра

by fokus

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес конференција го најави првиот протест, од низата кои ги најавува партијата, односно ги повика граѓаните да излезат на улица на 9 септември. Тој претходно обвини дека државата влегува во голема економска криза.

-Државата влегува во должничко сценарио предизвикано од економското цунами кое го урива животниот стандард на граѓаните и со најновата бројка која што денеска ДЗС ја објави, а се однесува на бруто растот, а т.е. да бидам прецизен падот на БДП влегуваме веќе во рецесија.
Затоа имаме богата влада, ама сиромашен народ. Тоа е поради власта која направи пакт со криминалот кој се нарекува мафија, едно здружување на луѓе од различни политички партии но со една цел, личен интерес и богатење на грбот на народот.

Се за што предупредував во економијата се оствари. Потрошија една милијарда евра, а притоа резултатите се негативни, невработеноста се зголемува, бизниси капитулираат, извозот е во минус, а денес имаме историски најлош пад на бруто домашниот производ, потсетувам во времето на конфликтот во 2001 година ова го немавме. Ќе повторам историски најлош пад на бруто домашниот производ.

Таа милијарда пред изборите се стави во џеб и не се искористи паметно, туку за поткуп. Мафијата купуваше гласови, наместо да го помага бизнисот, мафијата со овие пари се богатеше, додека народот осиромашуваше. Едната милијарда евра е потрошена, а резултати нема, рече Мицкоски.

Тој обвини дека новата влада го сменила ДУП-от во Тетово, со што му овозможиле на бизнисменот Дака да гради станови.

-И првиот ден од старата влада со нов мандат, Заев и ДУИ не го искористија да помогнат на народот, туку да го сменат деталниот урбанистички план во Тетово, за да може на земјиштето на контраверзниот бизнисмен Дака да градат станови, бизнис вреден околу 200 милиони евра. И притоа видете каков е само тој молк од власта. Молчат и молат бога да се прескокне темата затоа што апла се фатени во криминал. Толку ги бива за народот, единствено се добри само за нивниот џеб.
А, не чекаат уште потешки времиња во економијата, должничко сценарио и раст на сиромаштијата. Десетици илјади наши сограѓани кои ќе останат без работа, рече Мицкоски.

Тој продолжи со образложување на неколку економски параметри.

-И еве зошто тоа е така, ќе споменам неколку економски параметри.
Имено, го убедуваа народот дека треба да се задолжат. Во вториот квартал долгот порасна за речиси една милијарда евра. А, какви се резултатите, неколку десетици илјади наши сограѓани останаа без работа, нивните семејства без парче леб. А, семејствата за парите кои што ги позајмија, ги наменија за поткуп, 500.000 семејства во Македонија ќе треба тој долг да го плаќаат, за да може мафијата денеска да владее од владата. Ќе ве потсетам јавниот долг е зголемен од доаѓањето на оваа власт. Од третиот квартал во 2017-тата година заклучно со вториот квартал во 2020-тата година за една милијарда и 740 милиони евра или вкупно 11,8%.

Државниот долг пак од 2017-тата година заклучно со вториот квартал во 2020-тата година е зголемен од 3 милијарди 958 милиони на 5 милијарди 561 милион. Тоа се цели 1,6 милијарди евра или тоа е за 11,3%. Извозот пак само во јули месец ќе ве потсетам, јули месец кој што нема никакви мерки, нема никакви ограничувања е намален за цели 7,8% во однос на јули месец 2019-тата година. А, пак за периодот јануари до 31 јули 2020–тата година е намален за цели 20% споредено со истиот период во 2019-тата година. Увозот пак, увозот во јули е намален за 4,9% споредено со истиот месец во 2019-тата година. Или пак за цели 15,8% од почетокот на годината заклучно со 31 јули 2020-тата година споредено со истиот период во 2019-тата година.

Ако според економската логика на мафијата наследиле – 1,8%, зголемување на БДП и споредувајќи го со бројката од четвртиот квартал во 2019-тата година дека растот бил 3,1%, па велеа дека од – 8 го зголемиле на 3,1% денеска според истата таа логика на мафијашите од мафијата БДП кој што го наследија од – 0,8% го намалија на историски – 12,7%.

Ете тоа е таа мафијашка логика и во економијата, трпај само во својот џеб, на грбот на граѓаните. Од оваа мафија ниту граѓаните, ниту од овие мафијаши можеме да очекуваме додадена вредност, ниту пак подобар живот, рече Мицкоски.

Поврзани новости