СДСМ и Зоран Заев до вчера ни велеа дека се најдобри, но народот им покажа дека се најлоши, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митинг во Радовиш.
-До вчера не убедуваа дека победиле, на изборите кои ги загубија, а сега се премислија и велат да се обединиме за да одиме напред. И не застануваат со ароганцијата, и велат само со Заев можело напред. Ќе ви кажам нешто, нема напред со него. Со него има само напред на скалата на корумпираност, таму сме навистина највисоко во Европа – рече Мицкоски.
Според него, Заев во писмото до членството индиректно ги обвинил сите кои не гласаа за него дека се зло.
-Јас не само што не мислам дека се зло, туку мислам дека тоа е Македонија, а Македонија никогаш не била зло, а не се ни зло оние кои поради некоја причина гласале за Заев. Македонија го нема времето да ја разбере Заев пораката од народот. Не наседнувајте на евтини трикови. Прочитан е. Тој сака да заборавите дека цели 52 месеци е власт, и досега најмалку 3 пати вели дека ја разбрал пораката и продолжува по старо – рече Мицкоски.
Тој посочи дека ветуваат влез во Европската унија без уцени и пазарења од кои, како што рече, граѓаните ќе се срамат.