Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство што опозицискиот СДСМ одлучил да не ги поддржи интерпелациите за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, неговиот заменик Астрит Исени и вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, што во Собранието ги поднесе коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ.
Во одговор на новинарско прашање во врска со одлуката на СДСМ да не ги поддржи интерпелациите, премиерот рече дека одредени екстреми во општеството, алудирајќи на партијата на Али Ахмети, се стремат да ја вовлечат државата назад во, како што рече, политичкото мочуриште
„Драго ми е што дел од политичките партии и покрај тоа што се во опозиција се свесни за ова и дека нема заеднички да дозволиме овие екстреми да нè вовлечат во тоа политичко мочуриште. Мислам дека граѓаните полека ги изолираат сите оние коишто се за несигурност, нестабилност, конфликти. Мора да бидат отфрлени и изолирани. Во таа улога е денеска ДУИ којашто некогаш се претставуваше за прозелена партија, а денеска гледаме дека е главен генератор на нестабилност, несигурност и конфликти и се обидува да генерира конфликти во Македонија“, изјави Мицкоски.