Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати честитка по повод денешниот христијански празник Богојавление – Водици.
„Дозволете ми од мое и од името на ВМРО-ДПМНЕ, Вам лично, на Вашето свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Република Македонија и во дијаспората да Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление, Водици.
Со продолжување на вековната традиција на овој ден ја потврдуваме нашата верба во Бога и посветеноста на традиционалните вредности. Христијанските вредности, љубовта, добрината, хуманост и проштевањето нека ни бидат ѕвезда водилка во нашите животи.
Денешниот голем празник е симбол на новиот почеток и духовното раѓање, пример за сите верници христијани за патот по кој тие треба да чекорат. Шансата значи нов почеток, оваа година, овој празник нека е симбол за обновата на Република Македонија, која насушно е потребна.
Треба да завршат времињата кога граѓаните се оставани на страна, кога политичарите се ставаат над интересите на државата и кога политиката ја има во секоја пора општество делејќи го народот, создавајќи конфликти. Нашиот народ е помудар од политичарите кои се реликвија на сите лоши времиња на овој народ и земја.
Сите заедно сплотени, обединети во традиционалните вредности да си ја обновиме државата, да ја кренеме главата гордо високо и да им ставиме крај на поразите. На државата и е потребна работа и проекти, раст и напредок, да си ја вратиме назад националната гордост.
Ви посакувам многу здравје, радост, среќа и бериќет на овој ден и низ целата година. Следува обновата, обновата за Македонија.
Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник!“, пишува во честитката на Мицкоски.