Mногупати во минатото зборувавме за сето ова за кое и официјално сега нашите стратешки партнери и меѓународната заедница го посочуваат, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на црната листа на САД, на која се најдоа поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети.
„На ажурираната листа на санкции на САД се најдоа двајца граѓани од кај нас. Ги имате таму причините зошто се тие дел од оваа листа на санкции. Можам да кажам дека во периодот што следува уште многу потврди на сето она што сме го имале како сомневање ќе излезе во јавноста и јавноста ќе биде запознаена“, рече Мицкоски.
Груби и Беџети се ставени на црната листа поради вмешаност во „значителна корупција“, соопшти синоќа Стејт департментот на САД. Конкретно, се наведува, поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректор на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Покрај нив, на најновото проширување на американската „црна листа“ се наоѓаат и членови на нивните потесни семејства.