Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за телевизија Сител ги коментира нападите од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ кон него и порачува дека ваквите луѓе не заслужуваат никаков одговор.
– Јас ценам дека овие луѓе не заслужуваат одговор. Бидејќи веќе ме прашавте, можам да кажам дека ова се луѓето кои што најзаслужни се што Зоран Заев веќе три години пустоши низ Македонија и ова се луѓето кои што практично ја доведоа во ваква состојба во која што во 2017 година ја преземав партијата и повторно истите овие луѓе сега се во улога да му помагаат на Зоран Заев во услови какви што се сега, да формира владино мнозинство, заклучи Мицкоски.
Тој даде дека нивните обвинувања се темелат на многу лични навреди, на голема фрустрација.
Мицкоски порачува дека сето она кое што тие го рефлектираат како атак врз ВМРО-ДПМНЕ и врз него, не наидува на поддршка ниту во структурата, ниту во членството, ниту помеѓу граѓаните.
– Ова е последниот терет од кој што се ослободува ВМРО-ДПМНЕ во овие 31 месец откако сум избран за претседател на партијата. Сега сите тие заедно на купче остануваат да му бидат верен коалиционен партнер на Зоран Заев па јас би му посакал со среќа нека му е со сите овие, додаде Мицкоски.