Во двобројот на неделникот „Фокус“, кој излегува за 2 Август – Илинден, објавуваме интервју со премиерот Христијан Мицкоски, кој, меѓу другото, вели дека има многу индиции и сомнежи за крупен криминал во режија на неговите претходници. Но, според него, иако досега има многу допрен глас, има многу малку дејство. Во врска со најавените реформи во правосудството, пак, не отстапува од идејата самите судии и обвинители да ги избираат претставниците во клучните тела.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Какво мислење имате за републичкиот обвинител? Ќе му оставите ли простор за работа или ќе влезете во операција за негова смена, како што обично се случува по секоја промена на власта?
МИЦКОСКИ: Јас секогаш сум заговорник на идејата дека секој заслужува шанса. Ние нема да се однесуваме како СДСМ и нема да ги злоупотребуваме пратениците, да беседиме во парламентот за да го смениме. Секој заслужува шанса, така и овој (Љупчо Коцевски) заслужува шанса, па да видиме дали таа шанса ќе ја искористи. Ако не ја користи таа шанса, јавно ќе зборувам. За жал, почетокот не му е добар.
ФОКУС: Зошто?
МИЦКОСКИ: Затоа што има многу допрен глас, а нула дејство од кај него. Многу допрен глас, и тоа од врвот на државата, од премиер, министри, нула дејство од негова страна.
ФОКУС: Но, знаете како велат од таму – за секоја постапка треба време, потребни се докази…
МИЦКОСКИ: За тие да добијат докази, потребно е да направат истрага. Јас не сум истражен орган, јас можам да им кажам со кои сознанија располагам. А тие се истражен орган, обвинителството, МВР и другите институции треба да истражат и да добијат докази. Сево ова што јас го зборувам се основани сомневања.
ФОКУС: Често сме слушале, дури и од претставници на ВМРО-ДПМНЕ, дека ДКСК покажала одредена енергија и активитет, па дури и дека моделот за структуирање на оваа институција може да се аплицира за Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Се согласувате ли со тоа?
МИЦКОСКИ: Не мислам дека тој модел треба да се аплицира во Советот на јавни обвинители и во Судскиот совет. Нашиот пристап е чесен и јасен – велите политичарите се тие што поставуваат членови во тие 2 институции.
Еве, ние велиме, не сакаме, велиме вие самите поставете си. Што ви треба за да бидете успешни? Автономен буџет? Ќе имате автономен буџет процентуално врзан со вкупниот буџет!
ФОКУС: Нели тоа има една фабричка грешка, бидејќи за да сметаме дека според овој модел ќе се изберат квалитетни членови со интегритет во двете тела, основната премиса треба да е дека судиите и обвинителите се чесни и со углед? Но, свесни сме дека многу од нив држеа предмети во фиока и за тоа беа санкционирани, многумина беа и кривично гонети, а да не говориме дека секоја година нови судии и обвинители стануваат роднини на функционери. Како тогаш да очекуваме дека тие самите ќе изберат кредибилни претставници?
МИЦКОСКИ: Хипотезата е издржана, не велам не, но ајде сега да анализираме. Има такви судии и обвинители што се роднински поврзани, но не се сите, туку се малцинство. Има и такви што се корумпирани, но не се сите, туку се малцинство. Има и такви што држеле предмети во фиока и не ги процесуирале, но и тие се малцинство.
Мнозинството не може да биде потчинето на малцинството. Малцинството самото ќе се катализира и исфилтрира и ќе биде безгласно. За жал, малцинството сега се на клучни позиции и затоа ни треба ова мнозинство да го победи малцинството, со тоа што самите тие ќе си изберат тоа што мислат дека им треба.
Еве ние нема да се мешаме, ќе седиме настрана и ќе оставиме тие самите да ја направат таа катарза, да се исфилтрираат и тоа што е лошо да го отфрлат од системот. Доброто да го победи лошото.
ФОКУС: Дали можеби вака бегате од одговорност?
МИЦКОСКИ: Ние, како политичари, бидејќи сме одговорни пред граѓаните, можеме преку комисија за надзор над работењето на овие институции да вршиме надзор во парламентот. И таа комисија ќе биде составена од пратеници и од власта и од опозицијата. И тие ќе имаат можност да прават редовни и вонредни контроли и да видат дали има злоупотреби. Ако има, планираме законски интервенции, па и кривично гонење, не само разрешување.
ФОКУС: Сепак, останувате на овој концепт, и покрај реакциите од меѓународната заедница и дел од стручната јавност дека така ќе се направи преседан кој потоа може да се повторува?
МИЦКОСКИ: Јас не сум слушнал друг модел, ако слушнам, подготвен сум да разговарам. Досега не само од амбасадорите, туку и од експертите не ми бил презентиран никаков друг модел.
Излегуваат вечни експерти, го критикуваат моделот и наеднаш потоа гледаме слични или исти презимиња стануваат членови на Судскиот совет. Нека ми дадат модел. Убаво е вака од страна да набљудуваме и да кажуваме како не треба. Нека кажат како треба.
И јас знам како не треба, но умешноста е да кажам како треба. Еве јас кажувам, толку знам, еве експертите нека кажат подобро. Мене ме гласале 450 илјади граѓани, коалицијата 650 илјади граѓани за ова што го знам.
ФОКУС: Во тој контекст, најавивте и проверка на имотната состојба на судии и обвинители. Кога треба да почне овој процес и дали преку него практично треба да се направи филтрација во правосудството?
МИЦКОСКИ: Ова ќе биде целокупниот процес. Чекам уште малку да се направи оваа транзиција низ институциите, очекувам ова лето да се заврши и да почнеме со реформите. Нема време за чекање.
ФОКУС: Во изборната програма ветивте проверка на имотната состојба и на сите граѓани. Тоа беше замисла и на претходната власт преку Законот за потеклото на имотот, бидејќи на овој начин ќе се откријат и утврдат сите граѓани што поседуваат имот за кој немаат покритие, а дел од нив, всушност, се фиктивни сопственици на имот што реално го поседуваат државни моќници. Има ли политичка волја овој процес навистина да се истера до крај?
МИЦКОСКИ: Нека почнат од мене прво. Дека има политичка волја тоа е апсолутно.
Транзицијата ќе биде ова лето и ќе фати првата половина на септември. Во текот на летото очекуваме институционалната транзиција да заврши и веднаш потоа да се зафатиме со реформите. Дел од реформите ќе ги правиме и паралелно ова лето, меѓутоа целта ни е прво да го стабилизираме системот. Полека, но сигурно, се стабилизира системот, се прави транзицијата, и откако тоа ќе се направи…
Поминаа заменик-министрите, помина ребалансот, дел од институциите избраа ново раководство, полека и останатите. Го стабилизираме системот, ги лоцираме проблемите и откако тоа ќе го завршиме, веќе почнуваме еден робусен реформски процес. И тука нема застанување, нема време за чекање.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.