Мицкоски за ,,Фокус”: Ова е вистината за мојата последна средба со Груевски!

by fokus

Фотографија од побегнатиот екс премиер Никола Груевски, на која позира со пријател од Македонија, во луксузниот хотел Риц- Карлтон во Будимпешта, но и заедничка фотографија со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски, на која Груевски позира во истиот црвен џемпер како на претходната, направена во хотелот, се врти во етерот од вчера.

За фотографијата со Мицкоски, која ако внимателно се погледне воочливо е дека е фотомонтажа, сепак се покренаа бројни коментари во јавноста.

Дали поранешниот и актуелниот лидер на партијата се уште се во контакт, дали се сретнуваат во Будимпешта, добива ли Мицкоски насоки за своето дејствување од Груевски…низа на претпоставки, шпекулации и обвинувања можат да се прочитаат како дел од реакциите на јавноста.

Сепак, со цел да се стави крај на шпекулациите околу тоа дали тие одржуваат контакт, Мицкоски за ,,Фокус” открива кога всушност се случила нивната последна средба.

-Цело мое претседателствување го следат вакви подметнувања, лаги, фотомотажи… Од далеку се гледа дека се работи за фотомонтажа! Вистината е дека не сум се сретнал со Груевски во Будимпешта, нашата последна средба беше во ноември 2018 година, кога требаше да оди во затвор! – тврди лидерот на партијата.

Додава дека е свесен како лагите за него нема да престанат и прашува дали од СДСМ имаат толку голем страв од него, што се во состојба да направат се за да го дискредитираат.

-Никогаш нема да престанат измислиците, фотомонтажите и лагите за мене! Толку ли се исплашени од СДСМ од мене, што се подготвени се да направат? – прашува тој.

По објавата на фотографиите, актуелни се реакциите и околу тоа каде живее Груевски, односно дали навистина престојува во еден од најскапите хотели во Будимпешта, Риц-Карлтон, каде едно ноќевање изнесува околу 450 евра.

Како потсетување, во декември 2018 година се објави фотографија на Груевски во лобито на хотелот „Four seasons“, или уште наречен и „Грешам палата“ кое е едно од најкомфорните задоволства кое само оние со подлабок џеб можат да си го дозволат. Таму најевтината соба е 445 евра, а се нудат и апартмани по цена од 3.100 евра од вечер, што може да се види на официјалната страница на хотелот.

Набргу потоа, тој за Сител изјави дека не плаќа по 1.000 евра за хотел, туку живее кај пријатели, а само првите неколку дена по пристигнувањето во Будимпешта престојувал во хотел.

Вики Клинчарова

Поврзани новости