Мицкоски за Бугарија: Од тоа „ајде уште ова“ грлото ни е преполно со кнедли

by fokus

Ние сме за решение кое ќе ги одразува и зачувува националните и државни интереси и нема повеќе отстапки кои Владата ги опишува со реченица „Ајде само уште ова и само што не дошло подобро време“, рече вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговиот говор на настан по повод 31 година од формирањето на Унијата на млади сили (УМС).

-Од тоа ‘ајде само уште ова’ грлото ни е преполно со кнедлите што ги голтнавме, а таму во Европа обезличени не се оди. Туку такви какви што сме Македонци, со богата историја, со свој јазик и идентитет, рече Мицкоски.

Според него, нејасно е зошто се радува Бугарија, а Владата на Македонија молчи, за на крај да кажат дека договориле заедничко чествување на Цар Самоил, нешто што поранешниот премиер, Зоран Заев го соопштил пред две години.

Во говорот Мицкоски го критикуваше и премиерот Димитар Ковачевски бидејќи не се исполнува ветувањето на СДСМ за почеток на преговорите.

Пред партиските млади сили тој обвини дека државниот апарат и партизацијата на општеството ја уништуваат надежта на младите луѓе во земјава.

-Само во нашата Македонија партиската книшка стана посилна од парчето хартија на кое пишува Диплома за завршено високо образование. Државата не велам дека е единствениот џелат за иднината на младите, но државниот апарат е сигурно најгласниот убиец на соништата на нашите млади луѓе. Епилогот на ваквото колективно самоуништување како држава се виде и со овој некомплетен о несреќен и некомплетен попис. Речиси 200 илјади си ја побарале среќата некаде надвор од државата и се иселиле. И оваа појава е истата рана и за младите Македонци, и за младите Албанци, и за младите Турци, Роми, Срби, Власи или Бошњаци, изјави тој.

Тој повика на обединување против власта и надминување на разликите и поделбите бидејќи е уверен дека при крај е соборувањето на актуелната гарнитура од власт и дека наскоро ќе има предвремени парламентарни избори.

-Избори многу скоро од денеска ќе има. Нас тоа обединување и таа порака на обединување ни е на тие избори потребна како никогаш досега. Знам дека можеби ВМРО-ДПМНЕ, некогаш прави и понекоја грешка, не сме безгрешни, луѓето што работат знаат и да погрешат. Но од тие грешки влечеме поука и знаеме да се извиниме. Знаеме дека не секогаш нашите политики за секого се прифатливи, но се стабилни и носат просперитет и сигурна иднина, порача Мицкоски.

Поврзани новости