Економските лекции од СДСМ ги видовме изминатите 7 години и навистина очекувам да бидат малку позрели и концентрирани во изјави и самокритични, вели Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека жали што СДСМ од партија се претворила во малска група која на дневна основа смислува тези во кои дури ни тие самите не ги разбираат и веруваат.
„Жалам што се претворија во малска група која што во јавноста на дневна основа смислува некои тези кои што апсолутно никој жив, па мислам дека и тие самите не ги разбираат кога ги кажуваат“, рече тој.
Во однос на тезите за нов Кривичен законик, премиерот Мицкоски праша дали поранешните функционери на СДСМ ќе ги вратат украдените пари кои што ги крадеа овие 7 години, бидејќи како што рече има многу кривични дела кои што застареа и врз основа на тоа тие бараат оштета и добиваат од Буџетот на државата.
„Ајде по ред да одиме, да почнеме со тезата дека сработиле нов Кривичен законик. Што правиме со оние дела застареа и за кои што вие граѓаните плаќате оштета затоа што тие дела застареа. Ќе вратат ли од украдените пари кои што ги крадеа овие 7 години, бидејќи имате сега дела кои што застареа и врз основа на тоа тие бараат оштета и добиваат од Буџетот на државата. Тоа се милиони евра. Тоа се ваши пари. Еве нека извадат од џеб, нека продадат дел од својот имот, а богами го имаат, голем е имотот на поранешните функционери од СДСМ и нека вратат во Буџетот“, изјави премиерот Мицкоски и додаде:
„Второ, студент на прва година на Правен факултет знае дека секое лице кое што ќе биде процесуирано ќе го користи оној закон кој што во времето на сторување на делото е апликативен. И сега си донесоа закон за да ги амнестираат своите криминалии и на оние политичари кои што од минатото им беа потребни за да им застарат дел од делата и сега ќе носиме нов закон“.
Премиерот Мицкоски посочи дека нема проблем од нов кривичен законик, но тој треба да е во согласност со европските закони, а не како што на некој му одговара.
„Ќе носиме нов закон, точно е немаме ние проблем да носиме нов закон. Но, тој закон ќе биде согласно европските закони, а не како што на некому му треба. И затоа се чудам што и професори учествуваат во овие изјави, ги слушнав и навистина не можам да сфатам зошто упорно не ја научија лекцијата на грешките што ги правеа во минатото“, дециден е премиерот Мицкоски.