Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред почетокот на конститутивната седница на Собранието изјави дека очекува од сите што се потпишале, да го поддржат предлогот Африм Гаши да биде претседател на Собранието.
Во врска со изјавата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, дека ќе даде бланко поддршка за проектите доколку Африм Гаши не биде претседател на Собрание, тој одговори дека Апасиев претходно имал понуда од ВМРО-ДПМНЕ да се придружи кон македонското национално единство.
– Димитар Апасиев имаше бланко понуда да се придружи кон македонското национално единство, тој одлучи повеќе да се посвети на правењето планови каде ова лето ќе ужива, дали на Хургада, дали на некоја друга грчка плажа. Како што изјави еден од неговите поранешни сопартијци дека „тие биле една група на џанаци“, така ѝ продолжува да се однесува, изјави Мицкоски.
Во Собранието денеска почна конститутивната седница на новиот собраниски состав. Со седницата претседава најстарата пратеничка Мерита Колчи Коџаџику.