Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати честитка по повод Денот на АРМ, 18 август.
Тој на војниците им порача да бидат горди на тоа дека врз нивниот грб почива државноста.
„Дозволете ми од мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ да го честитам денот на Армијата на Република Македонија, на сите припадници на вооружените сили, но и на сите граѓани на Републиката.
На денешен ден пред 77 години на Славеј планина, во славна Дебарца формиран е Баталјонот Мирце Ацев, кој е почетокот на македонското организирано војничко делување во Втората Светска Војна, кога македонските партизани, народ и држава, застанаа на страната на Сојузниците против најголемото зло на 20 тиот век, фашизмот.
Луѓето кои пред 77 години, во виорот на фашизмот не се исплашија и го кренаа својот глас, се нашите херои и луѓето на кои им ја должиме слободата денес, тие се децата и внуците на Илинденците, и тие пред нив, кои се бореа за Македонија.
Тие стотина луѓе тогаш имаа огромна храброст, а од нивната храброст произлезе државноста. Таа храброст е доказ дека фундаментот е пожртвуваноста и посветеноста кон татковината, а таквата посветеност е потребна и денес кога државата се соочува со големи премрежја и предизвици. Да се потсетиме на нивната пожртвуваност, но и да се погрижиме да не биде залудна. Мора да изградиме држава на среќни и задоволни граѓани.
Вие, припадниците на АРМ денес сте луѓето на чиј грб почива државноста и бидете горди на тоа. Честит ден АРМ“, се вели во честитката на Мицкоски.