Мицкоски во јуни најави поевтинување на струјата, сега покачување: Шок за граѓаните се и „од два до три отсто“

by Fokus

Се очекува до петок ЕСМ да ја достави својата понуда до Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум по што треба да почне процесот на носење одлука за цената на електричната енергија.

Премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите во Велес рече дека Владата преземала мерки за да не дојде до ценовен шок и поскапување на струјата, а како тоа е ќе заврши на крај, ќе зависи и од Регулаторната комисија за енергетика иако дека цената за крајните корисници зависи најмногу од цената на струја која државната ЕСМ ќе ја понуди до Универзалниот снабдувач.

Два дена подоцна премиерот останува на ставот дека не очекува зголемување на цената на струјата, но овој пат додаде дека доколку дојде до тоа тогаш, според него, зголемувањето би било од два до три проценти.

Ваквите очекувања, Мицкоски ги темели на постепената консолидација на ЕСМ што е направена во изминатите четири-пет месеци, состојбата со количините јаглен, набавката на природниот гас…

– Седум години ја ограбија ЕСМ и сега во четири-пет месеци направивме чудо да ја консолидираме компанијата за да не дојде до зголемување или ако дојде до тоа, да биде во рамки на два до три проценти.

Тоа е навистина успех кога една компанија, која во 2017 година имаше милијарда денари депозити во банки и околу 360-370 милиони на сметка, без долгови, а за седум години беше уништена и во периодот што следи јавноста ќе биде запознаена што се е правено, за помалку од четири месеци да ја консолидирате – на депонија да имате околу 200 до 250 илјади тони јаглен, се увезува јаглен по 10, 15, 20 отсто пониски цени, да договорите цена на природен гас која нема да биде берза плус 11 евра, туку берза плус четири евра, а по Нова Година очекувам и тоа да поевтини….

Кога ќе ги подготвите сите овие активности, тогаш доаѓаме до она што го говорам дека не очекувам да има зголемување од 10, 15 или 20 проценти како што е тоа случај во многу држави од регионот и Европа. Очекувам, ако има зголемување, тоа да биде незначително во рамки од еден до три проценти, рече Мицкоски кој очекува ЕСМ да биде целосно консолидирана на крајот на 2025 година или почетокот на 2026 година.

Но, ветувањето кое тој го даде веднаш по формирањето на новата Влада беше дека од јануари граѓаните и компаниите ќе добиваат поевтина електрична енергија. Тогаш тој најави дека во наредните шест месеци ќе се направат напори за реорганизиција на енергетскиот сектор и идната година граѓаните да добијат поевтини сметки за струја.

Првиот дел од ветувањето е исполнет, Мицкоски потврди дека ЕСМ е консолидирана, но цената на струјата наместо да се намали може да се зголеми.

Регулаторната комисија за енергетика има надлежност во уредување на начинот на пресметка, одобрување и контрола врз остварувањето на приходите за вршење на енергетските дејности пренос (МЕПСО) , дистрибуција на електрична енергија (Електродистрибуција) и за организирање и управување на пазарот на електрична енергија. (МЕМО)

Од Регулаторната комисија за „Фокус“ велат дека во овој момент се анализираат доставените барања на енергетските компании: Електродистрибуција, МЕПСО и МЕМО. Се очекува и исходот од тендерот за набавка на струја за покривање на загуби, по што ќе може РКЕ да донесе одлука за тарифите до крај на месецот – за мрежните оператори и оператор на пазар.

„Што се однесува до ЕСМ, потсетуваме дека РКЕ не ја регулира цената на државниот производител, туку  истата се формира од страна на Владата на РСМ, како  сопственик на оваа компанија. Потоа, согласно Законот за енергетика, АД ЕСМ конкурира на повикот на Универзалниот снабдувач – ЕВН ХОМЕ, кој ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи. Потоа Универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ќе ја пресмета финалната цена на електрична енергија и ќе ја достави до РКЕ, која ќе го провери целиот процес и ако е согласно Методологијата истата ќе ја одобри или врати на доуредување“, соопштија од РКЕ.

Орце Костов

Поврзани новости