Во двобројот на неделникот „Фокус“, кој излегува за 2 Август – Илинден, објавуваме интервју со премиерот Христијан Мицкоски, кој говореше и за Преспанскиот договор, преговарачката рамка, уставните измени…
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Дали се согласувате дека тоа што се отвори затворен проблем со Грција визави интерпретацијата на Преспанскиот договор и (не)употребата на уставното име го растоварува притисокот врз Бугарија, со која имаме активна ситуација од која зависи нашиот напредок кон ЕУ?
МИЦКОСКИ: Ние никогаш не сме имале помалку од 2 проблеми. Тие проблеми можеби во одреден период биле под тепих поради понизниот однос на претходната власт, која со цел да го ограбува народот и државата, се обидуваше полтронски да се однесува и тие проблеми да ги става под тепих и да потпишува разно-разни капитулации.
Тие немаа интерес да покажат пркос, да го бранат македонското достоинство и идентитет, туку мислеа дека по линија на помал отпор ќе си ја завршат таа работа. Нивната цел беше друга – како да станат од голтари милионери.
ФОКУС: Меѓутоа, факт е дека за време на претходната власт немавме спор или ситуација барем со Грција.
МИЦКОСКИ: Немаме ни сега. Тоа е измислена работа. Ние, неколкупати сме кажале дека го почитуваме Преспанскиот договор. Но, не може сега како папагали, затоа што некому му треба за внатрешни политички прашања да ја користи темата, ние цело време да бидеме предмет за поткусурување.
Ние го почитуваме Преспанскиот договор, ни над ни помалку. Тоа што некој таму се обидува вештачки да креира тема, нема таму тема.
Многу е едноставно – ние, политичарите не сме тие што треба да судат, ниту кој било во јавноста треба да суди дали некој прекршува или не прекршува договор. Во самиот договор јасно стои кои се институциите што кажуваат дали некој договор е прекршен или не е. Ваков тип преседани што се случуваат може да имаат далекусежни и пошироки последици.
Така што, ако зборуваме за човекови права, како што милуваат да зборуваат политичарите од нашиот источен сосед за неколку стотини наши сограѓани, кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница, дека човековите права им се загрозени.
Не се тие, тие што тоа треба да го прават, туку го прави институција, тоа е Судот за човекови права во Стразбур. И тие велат 14-0, 14 пресуди за нарушени човекови права за македонската заедница и нула пресуди за бугарската во Македонија.
Не е Мицотакис, ниту Мицкоски тој што ќе каже за Преспанскиот договор.
ФОКУС: Не ја оспорувате ниту преговарачката рамка со ЕУ, но говорите за поинаква интерпретација…
МИЦКОСКИ: Преговарачката рамка е лоша, катастрофална е, но никогаш не сме споменале дека таа може да се промени.
ФОКУС: Поентата ми е дека Вие предлагате уставни измени со одложено дејство, но што доколку оваа ваша позиција не даде резултат? Имате ли план Б за деблокада на интеграцискиот процес? Дали вашата стратегија тогаш ќе биде – сами ќе си ја развиваме државата?
МИЦКОСКИ: Во преговарачката рамка никаде не стојат уставните измени, таа е спорна само во делот кадешто стојат билатералните договори, како што е Договорот за добрососедство со Бугарија. Таму не стојат уставните измени, туку за да дојдете до преговарачката рамка, треба да ги направите.
Инаку, ние домашната задача треба да си ја завршиме, без разлика на овој процес, со или без него. Тоа граѓаните го очекуваат од нас. Да нема политички криминалци, да нема граѓани од прв, втор, трет ред, да владее законот, економски да се развива државата, да има инвестиции, да има ред, надеж…
ФОКУС: Говорите за трансформација на Македонија и во таа насока споменувавме 10-годишен план или период потребен за таа трансформација. Но, дали може да го направиме тоа без преговарачкиот процес со ЕУ? Досегашното искуство ни покажа дека тешко ни оди со реформите.
МИЦКОСКИ: Зошто да не е можно? Досега не било можно затоа што имавме политички криминалци, затоа што имавме политичари на кои личниот интерес им беше пред колективниот интерес и интересот на граѓаните и на државата.
Најлесно е да одите по линија на помал отпор, потешко е достоинствено да чекорите, но тоа е потешкиот пат. Одбирам да чекорам достоинствено по потешкиот пат.
Инаку, мене досега многумина ме советуваа да одам по полесниот пат, да не бидам будала, имало полесен пат, зошто ни треба сето ова… Но, прашањето е кога ние ќе го завршиме сето ова и кога ќе заминеме од сето ова и кога ќе заминеме од овој свет, што ќе оставиме позади себе?
И кога нашите синови, ќерки, внуци, правнуци ќе го споменуваат нашето име, името на нивните дедовци, вујковци, татковци, мајки, баби итн., дали ќе бидат горди или ќе се срамат? Во нашата историја имало ликови од кои нивните потомци се срамат.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.