Зоран Заев бегаше од брзи избори, а не ВМРО-ДПМНЕ, рече лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски во интервју за Македонско радио, откако Заев, неговиот соработник Љупчо Николовски и други функционери од власта го обвинија дека не го прифатил нивниот предлог за избори до крајот на годинава.
– Јас реков прифаќам да биде и на 22 и на 29-ти декември, но некако тогаш ќе стане пракса да ние ги кршиме законите во оваа држава. Законот е јасен дека треба 100 дена техничка влада. Потоа, од другата страна почнаа да се препелкаат, ама ова се вонредни избори, викам во ред, ама и во 2016 и тогаш беа вонредни избори па важеше законот за техничка влада. Да го почитуваме законот, затоа што ние доколку продолжиме да даваме пример дека ги кршиме законите, тогаш дополнително ќе ја урнисаме довербата помеѓу граѓаните и ќе ја зголемиме недовербата – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека низ разговорите и предлозите со останатите партии се имале предвид и ратификацијата на поканата за членство во НАТО, како и празниците Велигден и Рамазан Бајрам, по што се стигнало до 12 или 19 април како термин за оддржување на следните предвремени избори.