-ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи и со амандмани ќе го блокира предлог-законот за амнестија кој сега треба да биде доставен во Собранието, изјави претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.
Според него со носење на ова законско решение власта има намера да ги ослободи криминалците коишто служат затворски казни бидејќи таа тоа им го ветила.
Тој изјави дека со законот целосно или делумно ќе се ослободат дел од затворениците во затворите, а потоа истите ќе се најдат на улица и ќе ѝ прават проблем на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ.
-Преземени се обврски кон криминалците коишто се на отслужување на затворска казна, дел од нив да добијат делумна амнестија, дел да добијат целосна амнестија и потоа тие исти криминалци да се најдат на улиците и да прават проблеми на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека на тој начин ќе добијат. Можам да ги разочарам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има јасна намера да се пресмета со криминалот од каков било облик дали се тоа вакви криминалци кои што се занимаваат со изнуда, ограбувања, рекетирање, насилство или политичките криминалци коишто денеска се дел од владата, изјави Мицкоски.
Откако на минатата владина седница беше вратен на доусогласување, предлог-законот за амнестија беше конечно усвоен на вчерашната седница на Владата, по што ќе биде испратен до Собранието.
Согласно измените, законот за амнестија ќе ги опфаќа македонските државјани кои се осудени од странски или меѓународен суд согласно кривичните закони на странска држава, а казната ја издржуваат во С Македонија откако пресудата е признаена од надлежен суд во земјава, согласно ратификуван меѓународен договор