ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи било какво решение што ќе значи промена на устав, а со цел промена на уставно име, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во утринската програма „Ја сакам Македонија“ на Сител Телевизија. Според Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ е единствената патриотска партија во Република Македонија.
Во процесот за името кој го води Владата на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски, нема апсолутно никакви информации, освен онаа информација која што беше презентирана, за сет на идеи. Според него, оттогаш наваму во самиот процес има осцилации, односно, во еден момент има напредок, во друг момент има оптимизам, па План А, па План Б итн.
-ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи Република Македонија да капитулира во овој процес, без разлика на овие хаотични изјави кои во моментот ги слушаме од Владата на РМ и ќе повторам, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи било какво решение што ќе значи промена на устав, а со цел промена на уставно име. Околу идентитетските одредници воопшто не треба да се преговара, ниту пак, ВМРО-ДПМНЕ ќе преговара – вели Мицкоски.