Даваме рок до вторник рано претпладне, министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани да ги достават своите оставки до Собранието, како би можело тие да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден, а дококу не бидат поднесени овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе до Собранието предлог-одлука за нивно разрешување, информира на денешната прес-конференција лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
Според него, министерот Филипче, оставката требало да ја поднесе во Собранието, а не до премиерот Зоран Заев.
Мицкоски нагласи дека по пожарот во модуларната болницата во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица, останале многу неразјаснети работи.
– Овој пат нема да поднесеме интерпелација, затоа што не сакаме овој пат интерпелацијата да ја доживее судбината како изминатите интерпелации коишто беа подесувани во минатото и никогаш не стигнаа да бидат точка на дневен ред и практично да ја преполнат фиоката на Талат Џафери, рече Мицкоски.