Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „Независен“ тврди дека одлуките на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дали ќе учествуваат во работата на Собранието се носат заеднички.
– Тие одлуки единствено зависат од пратениците и од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Донесовме одлука за присуство на седницата каде што се обрати генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, од причина што не сакавме да се злоупотреби евентуалното наше неприсуство. Ние сме биле и остануваме со политиката ориентирани кон Европската Унија и НАТО, и нашиот протест е пред сѐ насочен кон власта која врши брутален политички прогон. Пратеници, уметници и недолжни граѓани се во затвор, вработени се бркаат од работа само поради тоа што се неистомисленици со Владата – истакна Мицкоски.
Тој тврди дека Владата во Собранието протуркала дузина закони кои се штетни и без каква било демократска дебата.
– Тоа се закони што власта свесно ги носи без присуство на опозицијата, затоа што со овие закони им се овозможуваат дополнителни привилегии на власта и се дел од заткулисни коалициски договори со кои граѓаните не беа запознаени пред изборите. Таков е законот за државни службеници со кој се легализира на извесен начин она што досега се прави на незаконски начин и постапки, а тоа се бркања од работа и деградирање од работни позиции, донесоа закон со кој ја зголемија цената на нафтата, потоа се ратификуваше и Договорот со Бугарија кој содржи штетни аспекти за нашите национални интереси, но и се гласаше нов неуставен закон за јазици со кој Македонија наспроти сите тврдења на Владата, станува двојазична држава. И сето ова се случува без каква било дебата, можност за соопштување контрааргументи. Тие не се подготвени да слушнат поинакво мислење, а едногласноста им одговора и затоа имам чувство дека нашето излегување од парламент е момент што се чека и посакува за да се носат закони спротивни од интересите на граѓаните. Со други зборови, провоцираат напуштање на Собранието, дефокусираат јавност со други теми, додека поминуваат „возови“ далеку од очите на јавноста – додава Мицкоски.