Владата се ниша и е на стаклени нозе; Заев ќе падне и мора да падне, оцени и денеска опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, на настан организиран од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, а во чест на
меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
-За бадијала се и гумите за спасување што му ги фрлаат. Барем во изминативе месеци му ги видовме сите адути и оние скриени слуги во опозицијата. Еден новинар ми вели сега сите се качија на еден ист брод, се собра дружината. Уценуваните и уценувачите. А Заев сакајќи да наштети на ВМРО-ДПМНЕ си стави уште еден тег на ногата. Епа, Заев со здравје да си ги носиш. Си одговарате и по криминалот и по нечесноста. Ви кажувам сега доаѓа ураганот од народ кој ќе го потопи тој брод на кој сте собрани топтан, изјави Мицкоски.
Обраќајќи му се на Заев, Мицкоски цитира и стих од песна на Ѓорге Балашевиќ.
-Нели и во една песна стои „власт е власт, ама чест е чест“. Мора да се прочисти политиката, има работи што се прашање на чест, заедно да се бориме, за заедно да победиме. Никогаш, ама никогаш, не ме интересирала власт, моќ и функции, ме интересира да си ја спасиме и кренеме државата, да обезбедиме и создадеме иднина. Да го стопираме слободниот пад. Доаѓа ново време, доаѓа време на промени. Македонија е посилна од поразите, заклучи Мицкоски.