На вчерашната владина седница беа потврдени повеќе од 270 проекти кои се во речиси сите општини, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски за време на посетата на Општина Брвеница.
Мицкоски посочи дека на следната владина седница ќе има мало продолжување на рокот за општините кои треба да ја комплетираат проектната документација.
– Потврдени се повеќе од 270 проекти кои се во речиси сите општини. Ова не се проекти во кои што градоначалници се од ВМРО-ДПМНЕ или владината коалиција, туку и градоначалници што доаѓаат од СДСМ, ДУИ или независни градоначалници, затоа што ние се бориме за секој милиметар квадратен на целата територија на државата, секое парче земја ни е важно и секаде сакаме да инвестираме. Очекувам следната недела договорите да бидат потпишани и да почне спроведувањето на оваа историска реализација на проекти за кои ќе се вложат повеќе од 4 милијарди денари. На следната владина седница ќе има мало продолжување на рокот бидејќи во проектите на некои од општините е потребно дел од документите што недостасуваат да ги обезбедат. Мислам дека рокот ќе биде разумен, до 10 или 15 ноември да ги до поднесат проектите и откако тоа формално ќе биде завршено, очекувам и тие да бидат вклучени во првиот бран. Ветената сума од 6 милијарди очекуваме до крајот на годината да биде испорачана, а веќе следната година ќе има 15 милијарди, што значи од централниот буџет кон општините ќе бидат испорачани проекти од околу 21 милијарда денари – истакна Мицкоски.
Тој апелира општините Струмица, Теарце и Сарај, како и Град Скопје да го искористат продолжениот рок за поднесување на нови комунални проекти.
– Општина Струмица не доби средства затоа што конкурираше со проект кој веќе е почнат и во тек со избран изведувач. Апелирам до раководството на Општина Струмица да ја искористи можноста до 15 ноември да поднесе нови проекти кои ќе можеме да ги финансираме. Средства не се доделени за Општина Теарце која поднесе проекти преку приватна е-маил адреса и затоа го повикувам градоначалникот да постапи како и сите други 79 градоначалници. Имаме некомплетна документација поднесена и од Општина Сарај, очекувам до 15 ноември тоа да биде отстрането. Станува збор за патна инфраструктура во населеното место Ласкарци и еден водовод. Градот Скопје конкурираше со некомплетни проекти, бараат автобуси, бараат средства за одржување на хигиената на улиците. Од Владата веќе имаат пренесени 600 милиони денари кои се на сметката на градот за реализација на булеварот „Хасан Приштина“, но две години ништо не е направено. Очекувам во следниот период таму да се подобрат инвестициските перформанси, нагласи Мицкоски.